Елена Бубало: Телото е единственото место во кое живеете, затоа водете грижа за него!
07/11/2017

Елена Бубало ‒ Некои ја знаат како фитнес-инструктор, некои како личен тренер, некои по спортските настани што ги организира, но најмногу по нејзината лична групна програма „Total Body Workout by Bubalo“.

Но, оние што ја познаваат и одблизу, знаат дека таа е и мајка на шестмесечно бебенце по име Андреј, а, пак, оние што не ја познаваат лично, веројатно се прашуваат како Елена има време за сè?

Вели дека вежбањето ја исполнува, а мајчинството ја дополнува, но она што е најважно ‒ со добро испланирано време, баланс се наоѓа во сè.

Нејзиното лично мото е дека жената не треба да се запостави во ниту една етапа од нејзиниот живот, а единствена граница да не ја постигнеме целта сме самите ние.

За оние што не знаат, со што поточно се занимаваш?

Во моментов се занимавам со држење групни и персонални тренинзи. Станува збор за мешавина од високоинтензивен анаеробен и аеробен тренинг што вклучува функционални движења.

Групните тренинзи носат едно заедничко име „Тotal Body Workout by Bubalo“ и се одвиваат во текот на целиот ден, вклучувајќи утрински, пладневни и вечерни тренинзи. Персоналните тренинзи, пак, се во зависност од барањата, потребите и целта на клиентот и лесно може да се приспособат во зависност од тоа дали тој сака да ја затегне својата фигура, да намали килограми или, пак, да одржи добра кондиција.

Би можела ли за читателите на Balans+ подетално да ги опишеш активностите што ги спроведуваш како тренер?

Покрај основната моја улога да одржам тренинг – час, постојат и многу други активности што ги спроведувам, почнувајќи од редовна комуникација и разговор со вежбачите на различни теми, па сè до подготвување повеќе детални месечни програми за вежбање.

Голем дел од мојата работа вклучува и постојано мотивирање и внесување новитети во тренинзите, потоа тренинзи надвор од редовните и надвор од салата, како што е планинарење, трчање, организирање неколкудневни кампови надвор од Скопје итн.

Исто така, организирам и разни натпревари и предизвици, а учествувам и на јавни настани/тренинзи заедно со целата екипа вежбачи.

Она што би сакала дополнително да го потенцирам е дека активностите вклучуваат и совети за правилна исхрана и како да се биде во континуитет со здрави навики, а еден од редовните совети што ги давам е токму консумирањето Balans+ како млечен производ кој одлично влијае врз метаболизмот и дава добра енергија.

 

Од кога почна да се занимаваш со спорт?

Со спорт се занимавам уште од основно училиште, отсекогаш сум го сакала здравиот начин на живот, кој освен правилна исхрана, вклучува и физичка активност во текот на денот.

Имено, како тренер за групни и персонални активности сум повеќе од 7 години, во кои постојано се надградувам, посетувам спортски семинари, конгреси и едукации и сето тоа го споделувам и го применувам на моите вежбачи.

Ги има многу и тие се, всушност, виновниците за тоа до каде сме стигнале, што сè сме постигнале заедно, од резултати и тренинзи, па сè до нови пријателства и дружби.

Која е твојата лична мотивација? Лично мото?

Пред сè, сакам да бидам витална и здрава цел живот, па затоа вежбањето и спортот ми се дел или стил на животот без кои не можам, а не се обврска што мора да ја завршам во денот. Така се мотивирам секојдневно да вежбам, да имам здрави и избалансирани оброци, да имам добар сон, одмор и време за пријателите и за семејството.

Фактот што сум жена и мајка не значи дека треба да се запоставувам, впрочем не треба да се запоставува ниту една жена, независно во која етапа од животот се наоѓа. Оттука е и моето мото, кое вели: „Единствена граница да не ја постигнеме целта сме самите ние“.

Какви лични ритуали имаш пред да започнеш со вежбање?

Во зависниот од тоа во кој период од денот вежбам, имам и различни ритуали, најчесто поврзани со исхраната. Кога успевам да направам тренинг рано наутро, тоа го правам еден час по спиењето.

Мојот тренинг започнува со добро истегнување и загревање, па потоа следува здрав и балансиран оброк што задолжително содржи и чаша Balans+ млечен производ, пред сè, поради неговото изобилство од калциум што за мене е од големо значење. Појадокот секогаш ми содржи и различен извор на протеин, јаглехидрати и масти.

Но, има денови кога тренингот е во пладневните часови, и тогаш мојот оброк е 2 до 3 часа пред тренингот, така што ми дава одлична енергија за него.

Ти истовремено си и мајка на шестмесечно синче. Дали бременоста и мајчинството влијаеја врз твојата рутина?

Имав многу лесна и убава бременост и таа не успеа до последен ден да ми ја смени рутината, единствено што тренинзите и храната ми беа приспособени на моменталната состојба.

Мора да признам дека мајчинството сепак смени дел од мојата секојдневна рутина, но не ја смени мојата дисциплина. Впрочем, можеби како мајка не успевам да вежбам секое утро како што го правев тоа порано и како што беше константно, но затоа вежбам во друг период од денот.

Бидејќи сè уште сме на мајчино млеко, сменив и мал дел од исхраната, но не ја сменив количината, туку составот. Во секој случај, здрав и избалансиран оброк се препорачува за секоја бремена жена и за секоја мајка што дои, па така Balans+ не го исклучив од исхраната во ниту еден момент.

Се трудам мојата нова убава обврска да не влијае врз тоа дека во текот на денот мора да си посветам време себеси и на своето здравје, бидејќи преку грижата за себе, истовремено се грижам и за мојот син.

Каде го наоѓаш твојот баланс?

Работата што ја обожавам, семејството, пријателите и слободното време се мое секојдневие каде што давам максимум од себе за да го балансирам моето присуство.

Добрата организација, желба, љубов и разбирање ми помагаат да го постигнам сето тоа и да имам еден идеално балансиран ден.

Каква исхрана применуваш? Кои се твоите ритуали за време на оброкот?

Се трудам во текот на денот да имам пет оброци од кои три се главни и две ужини. Во секој од моите оброци настојувам да ги внесам трите важни компоненти за телото и метаболизмот, а тоа се здрави јаглехидрати како зеленчук, овошје, житарки, потоа протеини како месо, риба, јајца, урда, млечен производ Balans+ и, секако, здрави масти како јаткасти плодови, авокадо, ладно цедено маслиново масло и сл.

Се трудам главните оброци секогаш да ми бидат добро избалансирани со овие три состојки, со цел оброкот да го поддржи моето активно секојдневие.

Појадокот и вечерата, како што напомнав и претходно, задолжително содржат и чаша Balans+ млечен производ, а ужините можат да бидат парче овошје, една рака јатки, лесна салата или, пак, повторно чаша Balans+.

Зошто го консумираш Balans+ и во кои пригоди?

Најпрво сум зависна од вкусот и тој е задолжителен во рамките на мојот утрински појадок, а сè почесто и во вечерата. Тој е богат извор на калциум, важен за секого од нас, особено доколку се троши повеќе со вежбањето.

За мојата исхрана особено е важна и неговата ниска масленост од 1%, но причината поради која можеби и најмногу го консумирам е во моментите кога не успевам со себе да земам комплетен оброк, а овој одличен пробиотски функционален и хранлив производ на вкусен начин ми помага во моето динамично секојдневие и често ми претставува замена за брз оброк или, пак, добра ужина.

За крај, што би им препорачала на мајките, а и генерално, на сите читатели?

Грижете се за своето здравје, своето тело и за својот изглед. Задолжително најдете еден час во текот на денот што ќе биде само за вас, извежбајте во сала, излезете на кеј на трчање, качете се на Водно ‒ по ваш избор, но важно е да имате физичка активност.

Не заборавајте дека е лесно да се храните здраво, само треба да почнете денес и веќе исхраната ќе стане една убава навика за која телото ќе ви биде благодарно. Запомнете дека тоа е единственото место во кое живеете и затоа водете грижа за него.