Трчањето е приказна која носи многу предизвици и изненадувања
16/05/2017

На тема здрав и избалансиран начин на живот позборувавме со Искра Јовановска која пред неколку години ја започна иницијативата „Трчаме заедно“ со цел мотивација на што повеќе девојки да се вклучат во рекреативно трчање како промоција на здрави навики за живеење. Потоа, заедно со уште други вљубеници во трчањето ја основа и групата „Скопско ноќно трчање“ преку која организираат градски ноќни рекреативни трчања.

Што претставува за тебе трчањето и во целост спортскиот начин на живот?

Трчањето е дел од моето битие. Дел од мојот идентитет. Трчам рекреативно повеќе од 15 години, а кога сум спречена да трчам задолжително го одржувам активниот начин на живеење преку друга спортска активност: планинарење, возење велосипед, фитнес, пливање и слично.

Колкава улога во таквиот начин на живот има исхраната и особено здравите пијалаци?

Исхраната игра голема улога во животот на секој човек, без оглед дали е активен или неактивен. За да биде исхраната избалансирана, потребно е да се внесуваат искомбинирано шесте основни класи на хранливи материи: јаглеродни хидрати, масти, минерали, протеини, витамини и вода.

Од здрави пијалаци освен што користам како различни видови смутија би го издвоила јогуртот како еден од омилените пијалаци. Јогуртот е одличен извор на протеини, минерали и витамини и е значаен извор на калциум, магнезиум, калиум, јод, цинк, но и витамини Б5 и Б12. Јогуртот е важен и за контракција на мускулите.

Што значи за тебе да се води излабалнсиран живот?

Се трудам да живеам избалансирано бидејќи сметам дека само на тој начин човек може да постигне духовно спокојство и внатрешен мир. Наоѓам време за навремено извршување на сите работни и професионални обврски, одржување на роднински и пријателски врски, време за мојот личен и приватен живот и време за релаксирање.

Како се чувствуваш кога гледаш дека се поголем број на млади луѓе е посветен на трчањето и на таквиот начин на живот?

Тоа многу ме радува. Пред неколку години ја започнав иницијативата „Трчаме заедно“ со цел да мотивирам повеќе девојки да се вклучат во рекреативно трчање како промоција на здрави навики за живеење а потоа и заедно со уште двајца вљубеници во трчањето започнавме да ја водиме групата „Скопско ноќно трчање“ преку која организираме градски ноќни рекреативни трчања.

Сега приметувам дека се повеќе луѓе, дали како поединци дали преку групи за трчање, почнуваат да го применуваат и промовираат овој начин на живот и тоа е многу позитивна страна на нашето општество.

Кои совети би им ги дала на луѓето кои сега почнуваат со трчање?

На секој кој сака да проба да трча би му дала неколку совети: Да внесува избалансирана исхрана, да пие вода и здрави пијалаци и да се препушти во убавината на трчањето со релаксирани тренинзи.

Доколку некој сака посериозно да се занимава со трчањето, а со цел да избегне повреди и непријатности, да се консултира со совети од професионалци (тренери и атлетичари успешни во својата работа).

Трчањето е приказна која носи многу предизвици, борба и изненадувања по самиот пат.

Уживајте патувајќи!