n Интервју со Драгана Младеновска, аеробик и пилатес инструктор, магистeр по фармација и диететика: „Моето мото во однос на исхраната е БАЛАНС и разновидна храна“ - Balansplus.mk
Интервју со Драгана Младеновска, аеробик и пилатес инструктор, магистeр по фармација и диететика: „Моето мото во однос на исхраната е БАЛАНС и разновидна храна“
06/06/2022
  1. Денеска може да се најдат многу совети за здрава исхрана и воопшто за здрав начин на живот. Како да се најде вистинскиот и релевантен одговор што значи здрава исхрана, а што активен животен стил?

Да, навистина во морето од информации на интернет многу е тешко да се направи дистинкција што е точно, а што не. Сепак вистинскиот одговор можат да го дадат само луѓе кои се компетентни за тоа. Здравата исхрана подразбира баланс и соодветен внес на сите потребни макронутритиенти, витамини и минерали, минимален внес на процесирана, брза храна како и рафинирани шеќери и житарки. Фокус секогаш треба да ни биде свежата храна и таа да биде најмногу застапена во оброците. Активен животен стил значи дека неделно имате минимум или повеќе од 150 минути физичка активност. Физичката активност кај секој треба да биде адаптирана според возраста и здравствената состојба.

 

  1. Како според вас би изгледало совршеното дневно мени?

Три оброци кои се избалансирани во поглед на макронутритиенти односно јаглехидрати, протеини и масти. Измеѓу би додала една или две ужинки кои би ги ставила како опционални затоа што дали и колкави да бидат ужинките зависи колку сме активни, но и која ни е целта што сакаме да ја постигнеме.

Еве отприлика како изгледа еден мој ден во однос на оброците:

Појадок: овесна каша направена од 3 лажици овесни снегулки, 1 лажица мешавина од семки, 1 чаша Баланс+ јогурт, 1 лажичка путер од јатки, ½ банана и 4-5 јагоди или друго црвено овошје (по потреба може да се додаде и протеински сурутка).

Ручек: парче печено месо со печен зеленчук + свежа салата

Вечера: сезонска салата со 2 варени јајца збогатена со 1 лажица семки од тиква и 1 лажица семки од сончоглед, зачинета со маслиново масло, малку сол и сок од лимон.

Ужина: јаболко со 1 лажица путер од јатки наросено со цимет.

  1. Колкав удел има физичката активност, а колку исхрана во градење здрав и витален организам?

Здравата и балансирана исхрана и физичката активност одат секогаш заедно и вистински ефекти се постигнуваат само кога ги комбинираме. Нема да бидете фит само ако се храните здраво, но и обратно нема да бидете во добра кондиција доколку само вежбате без притоа да внимавате на внесот на храна.

Иако многу студии потврдуваат дека храната е многу поважна за постигнување резултати, сепак и храната и активноста се клучот за одржување на здравјето, за постигнување на добра физичка форма и одржување на квалитетот на живот.

За оптимално здравје важно е да се консумира минимално обработена храна, сложени јаглехидрати кои потекнуваат од интегрални житарици, од мешунки и од зеленчук, здрави масти, квалитетни протеини, доволно пробиотска и пребиотска храна, а во однос на активноста околу 150 минути неделно умерено до енергично вежбање е минималната рамка до која би требало да се држиме доколку сакаме да бидеме здрави и фит.

  1. Дали има и која е храна или состојка што е задолжителна во секојдневното мени во твоето семејство?

Моето мото во однос на исхрана е БАЛАНС така што се трудам секојдневно да јадеме што е можно поразновидна храна со цел да внесуваме оптимум од сите макронутриенти.

Она што најчесто го консумираме дома е многу свежо овошје и зеленчук, овесни снегулки и воопшто сите житарици од цело зрно, мешунки во најразлични варијации, јајца, еднаш неделно задолжително риба, 2 пати неделно месо, од млечни производи консумираме Баланс+ јогурт, грчки јогурт и сирења кои се помалку масни и не многу солени. Исто така, задолжително дома секогаш имаме јатки/путери од јатки и различни семки и семиња. Со овие намирници јас успевам секојдневно да креирам најразлични, вкусни, здрави и балансирани оброци и за мене, но и за моето семејство.

  1. Вие сте и магистер по фармација и диететика така што сето она што го пласирате како содржина за здрави животни навики подлежи врз вашето академско знаење но исто и искуството. Според тоа, колку здравата исхрана влијае врз здравствената состојба?

Исхраната дефинитивно има многу голем удел врз целокупното здравје затоа што од енергетскиот баланс и од намирниците кои ги внесуваме зависи како нашето тело ќе се однесува во однос на метаболизмот, хормоните и хомеостазата. Моментално работам на мојата магистерска теза и она што го истражувам е застапеноста на метаболичкиот синдром во нашата земја и поврзаноста на истиот со исхраната и животните навики. Од целата научна литература што ја исчитав дефинитивно можам да заклучам дека и покрај тоа што одредени генетски предиспозиции играат голем удел, храната и начинот на живот кој ги имаме можат во голема мера да влијаат на „будење” и активирање на тие „лоши гени”. Храната сама по себе можеби не е лек, но дефинитивно може да биде директен фактор и предизвикувач на многу здравствени проблеми. Затоа, во ова развиено време во кое живееме мораме сите многу посвесно да пристапиме кон поздрави животни навики.

  1. Често слушаме дека пробиотиците се корисни и потребни, но што е тоа што треба да го знаеме кога избираме пробиотици и каде, во која храна може да се најдат најдобрите пробиотици.

Последните неколку години навистина многу се истражува за пробиотиците и нивното влијание врз целокупното здравје. Она што е потврдено со науката е дека човечкиот микробиом е тесно поврзан со целокупното функционирање на нашиот метаболизам, имунитет и хормонска рамнотежа. „Добрите бактерии” во цревата се дефинитивно наши најголеми пријатели и чувари на здравјето.

Внесот на пробиотска, но и пребиотска храна ги прави овие бактерии посилни и побројни, а со тоа се зголемуваат и бенефитите кои ги имаме од нив.

Пробиотиците се живи бактерии, додека пак пребиотиците се храна за овие бактерии. Пребиотска храна се претежно растителните влакна кои ги има во овошјето и зеленчукот. Јогуртот и кефирот се најзначајни пробиотски намирници кои содржат активни култури и имаат директно влијание во подобрување и зајакнување на гастроинтестиналниот микробиом.

Баланс+ јогуртот е одлична пробиотска храна која покрај тоа што во себе содржи активни јогуртни култури, содржи и калциум кој придонесува за нормално функционирање на цревата, но содржи и олигофруктоза која е пребиотик, а како што кажав погоре пребиотиците се храна за цревниот микробиом. Така што, вклучување на ферментирани млечни производи во секојдневното мени е клучот за добро дигестивно здравје од кое зависи целокупното здравје.