Интервју со Драгана Младеновска: Со правилна исхрана, физичка активност и позитивен став до баланс во животот
19/05/2020

Со магистратура по фармација, но и по Диететика и преку својот ангажман како тренер за аеробик и пилатес, Драгана важи за еден од ретките вистински експерти во областа на храната и нутриционизмот. Оваа комбинација успешно ја пременува и во својот живот, и сето тоа го дополнува со позитивистичка филозофија која што ја пренесуваме во овој разговор со совети за правилна исхрана, дневни рутини и навики, и како да се постигне балансот во животот.

* Како изгледа твојата утринска рутина моментално? Што најмногу се промени откако практикуваш социјално дистанцирање?

Драгана: Ги сакам утрата, тоа ми е најпродуктивниот дел од денот и мојата утринска рутина е иста со години. Социјалното дистанцирање моментално не направи некое големо влијание врз мојата рутина затоа што јас сум човек од збор и наоѓам начин да ги правам работите и во вонредни услови. Најчесто се будам околу 8 часот и прва работа што ја правам наутро е хидратацијата. Пијам сок од лимон со вода во кој понекогаш додавам и ѓумбир. Исто така, знам да се напијам и домашен сок од рибизли и вишни без шеќер кој го прави мајка ми. Потоа следи моето утринско кафе кое го пијам без никакви додатоци. Појадокот ми е 2 часа после кафето и најчесто појадувам цели житарки со јогурт или билно млеко. Задолжително додавам семки, јатки или путер од јатки и некое овошје.

Дали и во домашни услови успеваш да одржиш редовен распоред на вежбање?

Драгана: Вежбам секој ден без изговори затоа што вежбањето ми е љубов и енергија којашто ме движи низ животот. Без разлика што сме дома и се наоѓаме во ваква вонредна ситуација, ако сакаме нешто да правиме ќе најдеме начин. Мене вежбањето не ми создава притисок и знам да се адаптирам на условите.

* Голем дел од родителите кои работат од дома не успеваат да одвојат време за себе и за вежбање. Како мајка, што би ги советувала нашите читатели кои се трудат да најдат баланс помеѓу работата, семејството и одржување на телото во форма?

Драгана: Секогаш кога не сакаме да правиме нешто бараме изговор за да се оправдаме пред себе, а кога силно сакаме бараме начин. Балансот во животот е клучот за успех иако некогаш е навистина предизвикувачки да успееме да ги завршиме сите обврски во предвиденото време. Да бидам искрена, и јас откако станав мајка имам навистина се помалку време за себе, но сепак вежбам и се грижам за моето здравје исто како порано, затоа што на моето дете и на мојата фамилија им треба среќна, исполнета и здрава мајка и сопруга. Грижата за домот и работните обврски не треба да се претворат во единствената работа на светот што ќе ја правиме. Секоја жена треба да наоѓа простор и време за себе, затоа што тоа ќе ù помогне да биде позитивна и исполнета, а таа енергија ќе ја чувствува цело семејство, но најмногу децата. Мајчинството бара добра организација, но и еден “издувен вентил” кој ќе ни ги “полни батериите” секој ден.

Кога е времето во прашање, сите го имаме истото време на светот, но тоа што фали кај некои е организација и поставување приоритети во животот. Вежбањето не е луксуз, тоа е здравје и инвестиција за цел живот и би требало да ни биде малку погоре на листата приоритети.

* Дали мајчинството ги смени твоите здрави навики? Како успеа да најдеш баланс по бременоста?

Драгана: Мајчинството сите нè менува, но во поглед на здравите навики мислам дека мене ме смени во позитивна смисла затоа што сега повеќе од кога било сакам да бидам најдобриот пример за мојата ќерка и да ù ги пренесам и нејзе овие навики. Готвам секојдневно и навистина се грижам за храната и намирниците кои ги внесува моето семејство, особено ќерка ми. Балансот го наоѓам со добра организација.

* Што е со исхраната? Како таа придонесува за балансирано секојдневие?

Драгана: Храната сме ние и од храната директно или индиректно зависи квалитетот на живот кој го имаме. Квалитетна и балансирана исхрана во превод значи и квалитетен и балансиран живот и секојдневие. Нашето здравје е во директна корелација со стилот на живот кој го имаме и храната што ја внесуваме. Сите треба да се грижиме за тоа повеќе затоа што на крајот од денот, здравјето ни е најбитно. Лошата храна можеби не предизвика акутна токсичност врз нашите организми и затоа перцепцијата на луѓето е дека не е толку опасна. Но, хроничната токсичност и хроничните нарушувања кои можат да настанат благодарение на лошата исхрана можат да имаат иреверзибилни и штетни ефекти врз нашето здравје засекогаш.

* На твојот профил постојано споделуваш рецепти и совети за здрава исхрана. Кои оброци и состојки се неизбежен дел од твоето мени?

Драгана: Готвењето здрави оброци ми е пасија, а во мојата кујна секогаш има свежо овошје и зеленчук, житарки од цело зрно, јаткасти плодови, путер од јатки, семиња, Баланс+ јогурт и кисело млеко и јајца. Тоа се најбитните намирници од кои можам да направам чуда.

* Кога и како најчесто го консумираш Баланс+?

Драгана: Јогуртот најчесто го консумирам наутро, го јадам со овесни снегулки, семиња, банана и боровинки. Тоа ми е најомилената комбинација за појадок. Често знам да си направам и овошен јогурт со Баланс+ кој секогаш го збогатувам со некоја житарка од цело зрно за појадокот да ми биде целосен. Исто така, во многу од рецептите кои ги подготвувам, а се печат речиси секогаш додавам јогурт наместо млеко. Омилените овесни палачинки на ќерка ми ги правиме со Баланс+. Го сакам Баланс+ затоа што покрај пробиотските култури кои ги содржат речиси сите јогурти тој содржи и олигофруктоза која претставува природен пребиотик кој стимулира раст на пробиотски бифидо бактерии во цревата. Олигофруктозата освен што промовира раст и колонизација на “добрите” бактерии во цревата, таа помага и за поефикасна апсорпција на одредени хранливи материи од цревата, но, исто така, помага и во производство на Б витамини.

* Кој совет би им го дала на оние кои сакаат да внесат баланс во нивниот живот?

Драгана: Балансот во животот се постигнува само со добра организација и поставување на приоритетите. Здравјето, вежбањето и здравата исхрана секогаш треба да биде во првите редови од таа листа затоа што тие се двигатели на нашата енергија и продуктивност за балансиран живот.

Коментари