n Совети за трчање со Кокан Ајановски - Balansplus.mk
Совети за трчање со Кокан Ајановски
05/05/2017

Советите за тоа како да трчате правилно и како да ја одржите дисциплината на трчање секогаш се добредојдени, а особено кога доаѓаат од повеќекратниот државен првак на Македонија, Кокан Ајановски.

Со резиме од освоени државни титули на долги патеки (5.000 и 10.000 метри, полумаратон, крос-кантри и планинско трчање), учествуво на повеќе светски, европски и балкански првенства во планинско трчање, репрезентативец на Македонија на Европско првенство на 3.000 и 5.000 метри и освоено трето екипно место на балканско крос-кантри првенство сосема логично беше да поразговараме токму со Кокан на оваа тема.

И секако, да побараме совет како најдобро да го искористиме времето за трчање и трчањето да стане здрава, редовна навика во нашиот живот.

Со затоплувањето на времето луѓето обично полека им се враќаат на спортските активности, вклучувајќи го трчањето. Што би им советувал на оние кои рекреативно се занимаваат со трчање и следната сезона се враќаат на патеката. Дали да се продолжи со истото темпо и ниво како кога прекинале?

– Мојата филозофија за трчањето и воопшто спортот е тоа да стане начин на живот. Кога тоа ќе се случи веќе никогаш не би помислиле да направиме пауза заради временските услови.

Но, ако сепак има прекин во спортувањето,советувам постепено да се вратат во соодветниот ритам на тренирање и да не очекуваат резултати преку ноќ. Секако дека телото ќе памти за вашето спортско минато, а тоа ќе биде дополнителен мотив да се остварат зацртаните цели.

Кои измени во исхраната треба да се направат пред да се почне со редовно трчање?

– Здравата исхрана е нераздвоен дел од спортот. Воопшто не е паметно да се спортува, а при тоа да не се внимава на исхраната. Најдобро е балансирана исхрана и умерено трчање за почетниците. Измените во исхраната како за почеток би биле да се јаде редовно повеќе мали оброци во текот на денот, да се појадува во првиот час од станувањето и да се пие правилно вода.

Совети за почетници

Пред да се почне со трчање, задолжително да се направи лекарски преглед и да се воочи нашата моментална психофизичка форма, па согласно тоа да се насочат и почетните тренинзи.

Основата е да се има соодветни патики за трчање и најважно желба за трчање, а другото е во втор план. Убаво би било да си поставиме јасна и прецизна цел што сакаме да оствариме со трчањето и потоа чекор по чекор да ја реализираме. Важно е да се радуваме на секој напредок,колку и да ни изгледа мал.

Да се консултира тренер кој има искуство и познавање во дисциплината која ја трчаме е секогаш пожелно. Должината и интензитетот на тренинзите се релативна работа. Некој почетник може да започне со комбинација одење и трчање (вкупно заедно 30-тина минути), а за некој друг почетник и 5км да бидат лесна задача.

Кога да се трча зависи од начинот на живот кој го живееме и затоа секогаш убаво би било трчањето да се адаптира на секојдневните активности. Не постои одредена дефиниција кога е најдобро да се трча,затоа што тоа е исто така и индивидуална работа. Мој совет би бил утринско трчање. Секогаш советувам трчање во надворешни временски услови.

Колку можеме повеќе да трчаме на трева/земја, а што помалку на асфалт. Трчањето во планина е исто така нешто посебно, но за оваа активност треба да бидеме во понапредна фаза. За почетници сосема доволно е 3 пати трчање во неделата, а оние со поголеми цели може 4 или 5 пати неделно.

Задолжително 2 дена одмор од трчање. Убаво е да се прават и останати вежби кои ќе го зајакнат торзото и ќе ни помогнат да имаме поголем успех во трчањето. Масажата е исто така добредојдена и значајна, особено за оние кои активно трчаат веќе подолг период.

Кокан Ајановски,
24-кратен шампион на Македонија во различни атлетски дисциплини